Poruke: 61
Teme: 9
%%TYL_NUMTHANKEDLIKED%%
Pridružen:
May 2013
Prezemeno od google :]
За многумина народната хероина Сирма Војвода е легендарна личност од времето на отоманското царство и романтичен лик од македонската народна поезија. Но, Сирма е историска личност, ќерка на тресончанката Анѓа и на зографот Петре Врлески. Легендата за Сирма Војвода би требало да претставува пандан на легендите за Робин Худ во Англија или за Јаношек од чешките планини.
Коде се чуло видело
Моме војвода да одит
Со седомдесет ајдути
По таа Бистра планина
Со три барјаци црвени
Ова се првите стихови од народната песна "Сирма Војвода" што почнала да се пее во Мијачко откако се раширила веста дека најголемиот водач на ајдуците во тоа време била всушност мома.
Ќерката на самоукиот зограф Петре, кој во својот зографски и ѕидарско-печалбарски занает течно научил да зборува грчки, албански, турски и српски јазик, уште од малечка ги впила големите способности на своите родители. Нејзината мајка Анѓа била невидена мајсторица за ткаење и везење, а долгите зимски ноќи ја направиле и одлична раскажувачка на гачки од минатото што кај малата Сирма внело страст за минатото, за храброста и пожртвуваноста на своите предци кои постојано биле на удар од разбојничките банди.
Семејството на Петре немало други деца, па Сирма била приморана подеднакво да им посветува внимание и на женските и на машките домашни обврски. Тоа особено било потребно откако стариот дедо, таткото на Петре, повеќе не бил во можност да работи и товарен со годините можел само да раскажува за годините понапред. Еден ден додека Сирма ги слушала прикажните на дедо си, Тресонче навистина го опколиле разбојници. Зографот Петре се прибрал дома и најбрзо што можел семејството го засолнил во Голем Дол, месност малку оддалечена од Тресонче на падините на планината Шкрка. Оттаму брзо-брзо ги преместил во пештерата Алилица оддалечена на час и половина од селото. Кога по два дена Петре се вратил во Тресонче затекнал запустени куќи и запалени племни. Тука се нашла и мајката на нејзината најдобра другарка, Ружа. Жената во плач раскажала дека Ружа ја одвеле арамиите заедно со уште неколку други девојки од селото. Сето тоа само ја зголемило нетрпеливоста на Сирма кон качачките банди. Во тие мигови кај неа изгледа дека се појавила намислата како да се одмазди за неправдите, со што наполно и се изменил животот.
Сирма станува војвода Но, сепак, таа никому не му ја кажала својата намисла. Се сетила дека на планината Стогово во месноста Гороцветно поле за следниот Ѓурѓовден мажите велеле дека ќе се соберат сите оние на кои зулумџиите им го докрајчиле животот, за да постројат ајдучка дружина која ќе се бори со разбојниците. Без да знаат родителите, следната година таа се облекла во бечвите на татка си и заминала на Стогово. Околу седумдесет Македонци - Мијаци се нашле на договореното место. Доаѓале од сите мијачки села во доброволен ајдутски строј. Како што понапред било договорено, средбата се случила на пролет, на денот Ѓурѓовден во 1791 година. Тогаш Сирма имала 18 години.
Стројот од Мијаци - ајдуци чекал наредба за почеток на дејствувањето, за враќање на честа на своите мајки, невести и сестри. Запишано е дека пред стројот се исправил некојси тресончанец Мицо. Откако добро се изнагледал во секој дојденец им рекол: "Како што секој човек има глава и ум во неа, така и секоја држава треба да има свој главатар што ќе ја води. Но, и нам овде построени, исто така ни треба човек кој со умот ќе нî води како што треба. Браќа, јас гледам овде меѓу нас еден таков кој ми се чини дека е најпогоден војвода". Мицо со раката покажал кон Сирма, односно кон кајмладиот и најубавиот човек во стројот, облечен во бели бечви, чоен минтан и бела долама до земја. Ајдуците се согласиле младото момче да стане нивен водач.
- Да ни е жив и многу години да нî води во битки, со душмани на овој народ - се согласиле сите седумдесет мажи. Тогаш Мицо го прегрнал избраниот војвода и му ја бакнал раката, а потоа сите дале заклетва дека ќе се стават во одбрана на својот крај од сите качачки и турски злосторници и оти за тоа нема да ги жалат животите. Кога Сирма станала пред стројот од пазувите извадила мијачки бајрак, навезен со црвена коприна и му го предала на избраниот знаменосец Вело Шпиров Крушевчанецот - Мијак од најстарото крушевско маало.
Предавајќи му го бајракот Сирма му рекла: „Овеа е знамето на нашава ајдучка дружба. Ќа го развиваш само коа ќа напаѓаме и ќа го чуваш како очите во главата. Може сите да загинеме до еден, ама тие шо ќа доет по нас ќа требет да го преземет и да го виет како свидетли на нашите чесни дела“.
Така започнала новата страница од животот на Сирма Војвода, која по она што оставила зад себе претставува урнек на највисоките слободарски чувства и дострели на жена - ајдук од мијачките простори. Таа ајдукувала 23 години без никој од нејзината дружина да дознае дека не е маж. Во тоа време се велело дека на војводата му нема рамен на храброста и на подвизите, поради што подоцна се родиле и многу легенди. Тие укажуваат дека Сирма се носела рамо до рамо со мажите на разни натпревари: во фрлање камен, скокање во далечина, стрелање. Особено останало да се раскажува кога Сирма стрелала низ неколку прстени наредени еден до друг и обесени со конец на една гранка. Под нејзиното раководство нападите против разбојниците се изведувале брзо, прецизно и со невидена храброст на целата дружина без прекин од 1791 до 1813 година, кога Сирма ја предала дружината на друг. Успешното изведување на акциите било можно поради нејзината бистрина, способност и храброст, како и поради големата поддршка што им ја давале селаните од целата Бистра. Особено значајно биле нејзините добро одбрани јатаци кои во секоја прилика им овозможувале засолниште, обезбедувајќи им храна, облека и лекови за време на ајдучкиот век на Сирма.
Пишаното вели дека еден ден и се скинале неколку копчиња од кошулата и така било откриено нејзиното моминство. Се вели дека ајдуците дознале дека е женско дури откако дружината се растурила, а Сирма се омажила за Вело Шпиров, бајрактарот.
Смртта во Прилеп Тресонечката војвотка планината ја напуштила во октомври 1813 година кога станала невеста на четириесет години. Со Вело заминале во Крушево и таму живееле долго време. Подоцна се преселила во Прилеп и таму умрела во својата 85 година од животот во 1858-то лето. Била погребана со најголеми почести, а прилепчани излегле во голем број за последен пат да се поздрават со големата Сирма Војвода.
Времето го направило своето и кај новите генерации тресончани за неа останале само бледи сеќавања. Сирма одлично се познавала со Димитар Миладинов, но за жал ниту во неговите книги и дела тој не споменал подетални моменти од нејзиниот живот. Останала напишана само една куса белешка која во целост гласи вака:
"Сирма се роди во дебарското село Тресонче. Бидвешчем под машко облекло, обходи как војвода планините Бабин Трап, Стогово, Барбара, Крчин. Момците кои таја ги водеше ја узнаха како девојка кога í се скинаха петлиците од градите".
Многу историчари и нашинци до ден денеска многу жалат што Димитар Миладинов, кому лично Сирма му раскажувала за својот живот, најверојатно пропуштил да запише многу повеќе податоци за неа или можеби такви писанија некаде сî уште постојат, но чекаат да бидат пронајдени.